Конкурс за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2012 година“

КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ ПРОЕКТ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС, МАНИФЕСТАЦИЈА „ГРАД НА КУЛТУРАТА ВО 2012 ГОДИНА“

Пријава за манифестацијата

Врз основа на член 63, став 4, а во врска со член 8, став 2, точки 4 и 7, членовите 60 и 61 од Законот за култура Закон за културата (“Службен весник на Република Македонија бр.31/98, 49/03, 82/05, 24/07 и 116/10, 47/11 и 51/11), Министерството за култура распишува

К   О   Н   К   У   Р   С

за финансирање проект од национален интерес,

манифестација

„Град на културата во 2012 година“

I

Министерството за култура, со цел да се создадат услови за рамномерен културен развој и да се обезбедат услови за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво, во 2011 година ќе обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија за реализација на манифестацијата „Град на културата во 2012 годинa“.

II

            На Конкурсот може да учествуваат сите единици на локалната самоуправа  во Република Македонија. Основен критериум по кој ќе се раководи при разгледувањето на пријавите е  понудените програми да содржат  препознатлива културна и историска традиција, како и презентација на актуелните културни вредности.

III

            Пријавувањето на програмите се врши со доставување пополнета пријава. Образецот на  пријавата ќе биде објавена на веб–локацијата на Министерствотo за култура ( www.kultura.gov.mk) со денот  на објавувањето на овој конкурс.

            Кон пријавата задолжително се доставува Програма со детално наведување на нејзината содржина како и образложени елементи од пријавата, особено:

- цели и очекувани ефекти од проектот;

-просторни капацитети (изложбени салони, сценски простор за реализација на концерти, театарски претстави и други форми на уметничко изразување) во кои ќе се реализира манифестацијата  „Град на културата во 2012 година“;

-програми од различни области на културата: музика, театар, филм, изложби од ликовната и од музејската дејност, презентација на литературното творештво, промоција и презентација на книжевното и на културното наследство;

-финансиска конструкција  со структура на приходи и структура на расходи

Пријавите се доставуваат до Министерството за култура најдоцна до 16 часот последниот ден од конкурсот и тоа  преку пошта на адреса ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр.61, или со предавање во писарницата на министерството.

IV

Нема да бидат разгледувани пријавите: доставени по истекот на рокот на Конкурсот, пополнети на несоодветен образец, нецелосно пополнети и нецелосни пријави - без приложени  документи кои задолжително се бараат. Материјалите доставени со пријавите на Конкурсот не се враќаат.

V

Конкурсот ќе трае 30 дена од денот на објавувањето во средствата за јавно информирање, а ќе биде објавен и на веб-локацијата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk).

                                                                   VI

За резултатите од Конкурсот, учесниците ќе бидат писмено известени.

Проектот подржан на овој  конкурс ќе биде составен дел од Годишната програма на Министерството за култура за остварување на национален интерес во културата во 2012 година.

            Министерството за култура ќе склучи договор за заедничко финансирање на манифестацијата „Град на културата во 2012 година“ со единицата на  локална самоуправа чиј проект ќе биде избран на овој конкурс .

            За  дополнителни  информации,  може  да   се   обратите   на   тел. 02 3289 – 797 кај одговорниот државен службеник Лилјана Мострова. 

МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА