ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ВО КУЛТУРАТА

СООПШТЕНИЕ

Основниот текст на Законот за културата е донесен во 1998 година. Примената на Законот и проблемите што беа евидентирани при неговото спроведување, повеќепати упатуваа на потреба од негово изменување и дополнување. Измените и дополнувањата се извршени во: 2003, 2005, 2010, 2011 и 2012 година.

Тргнувајќи од актуелните општествени текови, стекнатите искуства од практичната примена и повеќето измени, се наметнува потребата од донесување на нов закон кој ќе ги подобри односите и формално-правниот систем на остварување на културата.

Повеќегодишната примена на Законот покажа дека одделни одредби не се доволно прецизни,  додека, пак, дел од прашањата во меѓувреме се регулирани со други посебни закони, поради што не постои потреба од нивно натамошно регулирање со пропис од областа на културата. Исто така, се појави потреба за терминолошко усогласување на одредбите од овој закон со другите системски закони од областа на културата. Законот за културата, и покрај тоа што го утврдува националниот интерес, на недоволно јасен начин го дефинира јавниот интерес во културата, а не ги детектира ни принципите за остварување на јавниот интерес во културата.

Тргнувајќи од актуелните состојби и искуствата од 15-годишната примена на Законот за културата, како и поради потребата од доизградба на правниот систем во кој се остварува културата, усогласен со странските компаративни искуства, се покажа потребата од  преиспитување на нормативното регулирање на културата.

За таа цел, Министерството за култура пристапи кон изготвување на План за проценка на влијанието на регулативата, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за култура.

Министерството за култура во наредниот период ќе го објави и текстот на предлогот за донесување на закон за остварување на јавниот интерес во културата, за кој што ќе биде организирана јавна дебата.

План за спроведување на проценка на влијание на регулативата