Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски оствари средба со амбасадорката на Република Турција во нашата земја, Тулин Еркал Кара. На средбата, која се одвиваше во исклучително пријателска и позитивна атмосфера, oбете страни ја истакнаа и ја оценија високо досегашната долгогодишна културна соработка, која се одвива во континуитет, како и потребата таа постојано да се унапредува.
Соговорниците се согласија дека треба што поскоро да се продолжи и финализира процесот на отворање на културните центри на Македонија во објект на истанбулскиот плоштад Таксим и на Турција во Куршумли Ан во Скопје.
Амбасадорката Кара се интересираше и за изведбата на објектот на Турскиот театар, при што од министерот Алаѓозовски беше информирана дека Министерството и новата влада се залагаат да отстранат сите пречки и причини за досегашните доцнења на изведбата и ќе настојуваат Турскиот театар да ги добие што е можно побргу условите што ги заслужува.
Освен за динамичната соработка во повеќе области, министерот Алаѓозовски и амбасадорката Кара разговараа и за посетата на турскиот министер за култура во Македонија кон крајот на летото, што ќе биде одлична можност за продлабочување на културната соработка помеѓу двете земји.