Заменик – министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски, оствари средба со Данијела Баришиќ, амбасадор на Република Хрватска во нашата земја.
Во срдечна атмосфера, двајцата соговорници го истакнаа задоволството од традиционално одличните односи како и културната соработка помеѓу двете земји, која продолжува интензивно на сите нивоа.
На средбата се разговараше и за Иницијативата „16+1“ на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, при што заменик - министерот Лазовски побара од Република Хрватска да ја даде својата поддршка за предлогот, идниот Координативен центар за културна соработка меѓу овие земји да биде востановен во Скопје. Амбасадорката Баришиќ со задоволство ја поздрави иницијативата и ја даде поддршката на Хрватска за овој предлог.
Инаку, неодамна, отворањето на овој Центар за културна соработка во Скопје беше поддржано и од бугарскиот министер за култура Банов, со што поддршка за оваа идеја веќе има од 12 држави, и тоа од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска, а сè уште не се изјасниле Чешка, Романија и Србија.