Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денес оствари средба со делегација на Генералниот директорат на Државните театри на Република Турција, по што заедно со генералниот директор Мустафа Курт и министерот без ресор во Владата на Република Македонија Аднан Ќахил го посетија објектот на НУ Турски театар, којшто влегува во втора фаза на внатрешно уредување и техничко опремување што ќе се реализира во соработка со Генералниот Директорат на државните театри на Република Турција...
При посетата на објектот на Турскиот театар, министерот Алаѓозовски ги информираше новинарите за преземените чекори за надминување на застојот во изградбата на објектот што ги Министерството за култура.
„Продолжуваме со нашата политика на одглавување на капиталните проекти. Како што ги одглавивме Тетовскиот театар, зградата на Албанскиот театар и Македонската филхармонија, ова е уште еден објект кој треба да го ставиме во функција. Интерес на Министерството за култура е да се работи брзо во добра динамика за да може Турскиот театар да ги добие своите квалитетни услови за работа, но истовремено сите работи врз објектот да бидат изведени врз база на прецизни договори и квалитетно вградување на сите потребни материјали за што ќе разговараме со нашите пријатели од Турција Сè уште расплеткуваме неколку ситуации околу плаќањата, дали правилно се исплатени одредени фактури, дали одредени барања дадени на суд се исправни, објективни. Се надеваме дека во многу скоро време и тоа ќе го расчистиме за да можеме за втората фаза да стартуваме со чиста ситуација“, истакна Алаѓозовски.
Министерот задолжен за странски инвестиции во Владата на РМ, Аднан Ќахил посочи повеќе проблеми кои влијаеле на застојот на изградбата на Театарот за време на претходната власт, која, според него, намерно ја оставила турската заедница на маргините на капиталните инвестиции во културата и културниот живот воопшто.
„Тоа можеше и требаше да се направи порано. Во минатата Влада Турците беа ставени на маргините на настаните. Тие три години т.е. од 2008 година можеа не вакви театри, туку цел град да изградат, но не изградија. Дваесет илјади метри квадратни со една подземна катна гаража кажува дека дилетантски е работено. Секој кој испитувал геолошки знаел дека тука има подземни води. Зошто баш тука каде има подземни води почнала изградбата“, рече Ќахил.
Тој најави дека со одлука на Владата и разговор со турската страна ќе има соодветна динамика за изградба и соодветна опременост на Турскиот театар. Според него, тоа го заслужува турскиот народ во Македонија, кој е оставен на забот на времето.
„И Турција е заинтересирана да помогне, но не на начин како што направила минатата Влада врз основа на договор, ние ќе направиме карабина, а вие останатото. Ние ќе одиме на принцип на договор, на меѓусебно разбирање и помагање и најдобар начин и најкус рок да заврши градбата на Турскиот театар, кој ќе биде гордост на Турците и сите граѓани во Македонија“ потенцираше министерот Ќахил, кој додаде дека ќе се обидат во објектот да биде сместен и Турски културен центар на турската заедница во Македонија и други содржини. Ќахил уште еднаш изрази голема благодарност до Република Турција за постојаната поддршка за Република Македонија во сите овие години во повеќе сфери, а особено во областа на културата.
Генералниот директор на Генералниот директорат на државните театри на Република Турција, Мустафа Курт изрази надеж дека што поскоро ќе биде завршена изградбата. Посочи дека дошле да видат до каде е објектот и да почнат соработка за што поскоро да биде завршена изградбата.