Штип, втора јавна расправа и поддршка за рестартирање и ревитализација на Музичката продукција на МРТ

Вчера (25 април 2018), во Штип се одржа втората јавна расправа за рестартирање и ревитализација на Музичката продукција на Македонската радио-телевизија. На собирот во Домот на младите во Штип, идејата и концептот за повторно формирање на Музичката продукција на МРТ, која со години е вон функција, ги образложија  Цветанка Ласкова, советничката за култура на премиерот Зоран Заев, како и еминентните автори и продуценти, кои се дел работната група за нејзина ревитализација: проф. Живоин Глишиќ, Славе Димитров, Кире Костов и Љупчо Мирковски...

stip_javna_rasprava_mrt_25_april_2018_naslovna

Откако предлагачите на идејата го образложија базичниот концепт и потребните технички и кадровски елементи за повторно формирање на оркестрите и хоровите, во дебатата се вклучија учесниците од штипскиот музички сектор, од граѓанските здруженија и од институциите на културата од Штип и околните општини, како и од Музичката академија при УГД-Штип.

Воведничарите го истакнаа значењето на Штип како град со голема музичка традиција, како академски град, и општина со еден од најзначајните фестивали на популарна музика „Макфест“. Беше речено дека во Стратегијата на културата на Министерството за култура за 2018-2022 година е предвидена поддршка на музики ансамбли по градовите низ земјата, што беше прифатеносо одобрување од присутните, зашто Штип е град во кој веќе егизистираат повеќе видови музички состави со традиција. Беше оценето дека градот е драгоцена средина која и во минатото давала голем број видни и квалитетни музичари во оркестрите на МРТ и дека таа можност ќе продолжи со реформирањето на Музичката продукција.

stip_javna_rasprava_mrt_25_april_2018_foto_1

Во дискусијата се вклучи Горан Гаврилов управител на приватното национално радио „Канал 77“ и претседател на Асоцијацијата на приватните електронски медиуми  на Македонија, кој ја поздрави иницијативата, но го актуелизираше прашањето околу процентот и квалитетот на македонска музика која законски треба да се емитува во домашните медиуми, зборувајќи за проблемите во приватните медиуми.

Милчо Јованов, професор од Музичката академија во Штип укажа дека е потребно внимание во формирањето на комисиите кои ќе работат на формирање на оркестрите, зашто има многу едуциран кадар, а тој се плаши дека поради можни нерегуларности и врски, може да не бидат одбрани вистинските луѓе.

Во дискусијата учествуваше и поранешниот член на Оркестарот за народна музика, Петре Сарев кој сподели жалење што една Музичка продукција со некогаш европска репутација е згасната и е доведена во стадиум да не работи ништо. Музичарот и професор на Штипската академија, Тони Китановски искажа дилеми околу начинот на формирање на комисиите и критериумите по кои ќе се бираат музичарите.

Кире Денов, стручен соработник во Домот на младите во Штип, ги информираше претставниците на Владата и на Министерството за култура за лошата техничка и кадровска опременост на оваа институција и укажа дека е лесно да се формира некоја институција, а потешко е таа да се опреми и да функционира. Посебната советничка на премиерот, Ласкова, одговори дека се работи за сериозна иницијатива од национален интерес за која ќе мора да се најдат средства.

stip_javna_rasprava_mrt_25_april_2018_foto_2

Дилеми за изборот на комисиите искажа и шефот на Одделот по џез на Академијата во Штип, Сашо Постовски, кој постави прашање околу одржливоста на Музичката продукција.

Околу потребата на сериозна финансиска база за реализација на идејата, преку проблеми на својата институција зборуваше и вд.директорот на домот на културата во Штип, Никола Ристов.

Активно учество зедоа и фолклористите Горан Ангелов и Ефтим Геков, кои бараа поголема нивна вклученост во процесот на ревитализација на Музичката продукција, зашто фолклорот заедно со народните инструменти се културно наследство сами по себе.

Студентите на Музичката академија од Штип, побараа вклучување и на Министерството за образование во оваа расправа, зашто сметаат дека е неопходно џезот да се вклучи во средните музички училишта, за да има инструменталисти на испразнети позиции во оркестрите.

По првата расправа во Скопје и вчерашната во Штип, идната недела ваква расправа ќе се одржи и во Битола, а неделата потоа и во Тетово. 

stip_javna_rasprava_mrt_25_april_2018_foto_3

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia