Светската сопранистка Инва Мула утревечер настапува со Филхармонијата во Тетово
Сабота, 28 Април 2018 11:21
Во организација на Здружението „Алегрето“ и Сцената на албанската сериозна музика, утревечер (недела 29 април) во Центарот за култура во Тетово, „Иљо Антески- Смок“, во 19 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт со светски познатата оперска певица, Инва Мула. Диригент е Гриди Краја од Тирана...
На програма е симфонијата „Нуредини“, напишана од австрискот композитор Мајхнард Риденауер, а посветена на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, родум од тетовското село Камењане, голем вљубеник во оперската уметност и пријател со светски оперски ѕвезди. Симфонијата „Нуредини“ ќе биде подарена на Македонија.
На утрешниот концерт, Мула и Филхармонијата ќе изведат дела од Верди, Пучини, Каталани, како и наполитански песни.
Концертот е поддржан од Министерството за култура, а поканети се политичари, уметници и видни гости. На концертот ќе присиствуваат и Риденауер и Нуредини.
Мула станала позната по добивањето на првата награда на натпреварот „Пласидо Доминго” во 1993 година. Оттогаш има светска кариера со настапи и во миланската Скала и Метрополитен во Њујорк. Таа е широко позната по тоа што во 1997 година ја интрпретираше музиката во во светскиот филмски хит „Петтиот елемент“.