Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски оствари средба со Магдалена Водопија, директорката на Саемот на книга во Пула, Република Хрватска. Договорено е Македонија да биде земја во фокусот на оваа манифестација со меѓународно реноме, чија тема годинава е „Слобода“....
На средбата со Магдалена Водопија, директорка на Саемот на книга во Пула која деновиве со други хрватски издавачи и автори престојува на Саемот на книга во Скопје, министерот Алаѓозовски ги истакна заложбите за унапредување на меѓународното претставување на авторите и издавачите од Македонија и соработката со книжевната сцена во регионот и Европа.
Ставањето на Македонија во фокус на 24. издание на Саемот на книга во Пула што се одржува на крајот на ноември и почетокот на декември 2018 година ќе биде одлична можност за посодржајно преставување на авторите и издавачите од Македонија пред регионалната и европска публика и фела.
Инаку, како што е најавено и со Националната стратегија во културата за 2018-22 година, Министерството за култура од оваа година го активира целосно Секторот за книга при Министерството и го презема меѓународното претставување и презентирање на издавачката продукција и литературата од нашата земја, преку концептуално презентирање на автори и дела од Македонија прилагодено на тематските фокуси на саемите, што ќе ги зајакне меѓународните претставувања на македонската книжевност и издаваштво.