Возбудлив мај во театрите низ Македонија, месец на фестивали и гостувања

Националните театарски установи и театрите кои дејствуваат во состав на центрите за култура, во мај нудат богата театарска програма. Ќе бидат прикажани неколку премиерни изведби, како и голем број претстави од домашни автори, квалитетни дела од светската драматургија, а ќе бидат реализирани и два значајни театарски фестивали - Фестивалот на монодрамата во Битола и Драмскиот аматерски фестивал ДАФ во Кочани, но и неколку меѓународни гостувања...

Julie_Cezar_NT_Bitola_1


На големата сцена на Народниот театар во Битола на 18 мај ќе биде прикажана претставата „Грета од Фауст“ во режија на Димче Николовски, а деновиве се репризите на најновата претстава, политичкиот трилер „Јулие Цезар“. На 7 мај на репертоарот е претставата „Без паника“.

Претставата „Крвави свадби“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, е закажана за 8 и 9 мај, а од 11 до 15 мај сцената на Народниот театар во Битола е резервирана за Фестивалот на монодрамата.

Претставата „Кокошка“ од современиот руски драматург Николај Кољада на репертоарот е на 10 и на 19 мај, додека, пак, делото „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андраш Урбан, е на 16 и 17 мај. На сцената на Битолскиот театар на 21 и на 22 мај ќе биде изведена претставата „Дон Жуан“, а на 23 мај претставата „Трагичната љубов на една луда девојка“.

Во втората половина од месецот во Народниот театар во Битола ќе биде одиграна претставата „Бар Ремарк“ (28 и 29 мај), додека, пак, мајскиот репертоар ќе биде заокружен со претставата „Коцкар“.

Pretstava_Pirej_Prilepski_teatar____1

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 3, 4 и на 26 мај се игра претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, додека, пак, на 11 мај оваа претстава ќе биде изведена и пред публиката во Битола.

Претставата за деца „Дороти се враќа во Оз“, во режија на Кирил Петрески, на репертоарот има осум изведби, и тоа на: 7, 8, 9, 16, 22, 23, 28 и 29 мај. На 12 мај ќе биде изведена претставата „Клетници“, во режија на Мартин Кочовски.

На 15 мај во Прилепскиот театар ќе биде одиграна претставата „Обѕрни се во гнев“, во режија на Кристина Димитрова, а оваа претстава на 18 мај ќе биде изведена и на Театарскиот фестивал во Враца, Бугарија.

Во Театарот во Велес на 3, 12 и на 23 мај ќе биде прикажана комедијата „Вдовицата се мажи“ од Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски, која на 27 мај ќе биде изведена и во Москва, Руска Федерација, на фестивалот „Руска класика“.

Претставата „Кралските копилиња“ во Велешкиот театар на репертоарот е вечерва, а на 9 мај на репертоарот е претставата „Шумата на моето дрво“, која на 15 мај ќе реализира и меѓународно претставување, и тоа на фестивал во Благоевград, Бугарија.

Претставата „Синиот портокал“ пред велешката публика ќе биде одиграна на 10 мај, а на 11 мај публиката ќе може да ја проследи претставата „Тоалет за дами“ работена според текст на Родолфо Сантана, во режија на Деан Дамјановски. За 24 мај е закажана репризната изведба на претставата „Театар, љубов моја“.

DAF_Kocani

Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани од 28 мај до 2 јуни ќе биде домаќин на Драмскиот аматерски фестивал ДАФ, додека, пак, во големата сала на оваа установа на 20 мај премиерно ќе биде изведена претставата „Во чекор со малиот принц“ во режија на Перо Даниловски.

На 9 мај на сцената на Театарот во Куманово ќе биде прикажана претставата „На погрешно место во погрешно време“ во режија на Мирослав Петковиќ, а за 10 мај е закажана изведбата на детската претстава на албански јазик „Кралот спанко“. Претставата за деца „Јованче и Марика“ пред публиката во Куманово ќе биде изведена на 15,17,18 и на 19 мај. На 23 мај ќе биде изведена претставата „Хај фај“, додека, пак, на 30 мај на репертоарот е претставата „Интрига и љубов“.

Во Центарот за култура во Струга на 12 мај ќе биде прикажан драмскиот текст „Наследство“ во изведба на драмското студио „Миладин“  од Струга.

Improvokacija_Naroden_teatar____Ohrid

Во Народниот театар во Охрид публиката на 13 мај ќе може го проследи стендап шоуто на Никола Тодороски, а на 20 мај ќе може да ја проследи претставата „Импровокација“ со актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски,

На сцената на Народниот театар во Штип на 4 мај се одржа премиерната изведба на претставата „Амадеус“. Оваа претстава репризно ќе биде изведена и на 10 и 16 мај. На 11 мај во Штипскиот театар гостува Театарот од Тузла,  а за 20 мај е закажана изведбата на претставата „Волшебната нок“. До крајот на месецот ќе бидат изведени и претставите „Умри машки“ (22 мај) и „Богот на масакрот“ (29 мај).

Мајскиот репертоар, Театарот во Струмица го започна со претставата „Идиот“, во режија на Горан Тренчовски, на 14 мај е претставата „Дванаесеттата ноќ (Ноќ спроти Водици)“ во режија на Деаан Дамјановски, додека, пак, на 15 мај напладне е закажана претставата „Дружината на лајко сезнајко“. На 16 и на 17 мај во Струмичкиот театар гостува Аматерски театар од Тетово, додека, пак, на 19 мај е закажано меѓународно гостување на театарски фестивал во Враца, Бугарија, каде што ќе биде изведена претставата „Џон Габриел Боркман“. На 22 и на 23 мај ќе биде прикажана претставата „Царот Владислав“ од Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев, а на 27 мај е закажана претставата за деца „Кучето со боја на небо“. На крајот од месецот, 31 мај, во Театарот во Струмица ќе биде изведена претставата „Стјуардеси“ од Театарот Комедија.

Во текот на мај во центрите за култура, во чиј состав се и театарските институции, ќе бидат реализирани и многу други проекти од национален интерес во културата поддржани од Министерството за култура.

Plakat_Strumicki_teatar