Мај со серија концерти, изложби, промоции во центрите за култура низ Македонија

Изложби, фестивали, одбележување на Светскиот ден на музеите, Денот на македонските просветители и многу други настани ќе го одбележат месец мај во установите од областа на културата низ цела Македонија...

romski-nosii-1

Центарот за култура во Дебар на 12 мај ќе ја реализира манифестацијата „Традицијата на ромската заедница од Дебар“, во чии рамки ќе се одржи видео презентација на традиционална ромска свадба, презентација на зурли и тапани како и ревија на ромски носии. Мајскиот концерт на македонска народна музика на кој ќе настапат познати изведувачи и фолклорни друштва од Долно-реканскиот крај ќе се одржи на 18 мај, додека деветтото издание на фестивалот на детска песна „Радика-фест“ е закажан за 28 мај.

Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга мајската програма ја започна со филмот за деца „Џиновската круша“ сихронизиран на македонски и на албански јазик, како и со концерт на учесниците на фестивалот  „Златно славејче-2017“. На 12 мај пред посетителите ќе биде изведена драмата „Наследство“ на драмското студио „Миладин“ од Струга, додека на 17 и 18 мај за љубителите на филмската уметност ќе биде прикажан филмот „Мона Лиза“.

dzinovskata_krusa

Во Центарот за култура во Охрид беше прикажан анимираниот детски филм „Џиновска круша”, а се одржа и хуманитарен концерт на групата „Чардак“. Фолклорни концерти се закажани за 12 и 25 мај. Стенд-ап на Никола Тодоровски е закажан за 13 мај, а пак на 20 мај ќе биде одиграна претставата „Инпровокација“ .

Во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани во тек е изложба на карикатури и афоризми од авторката Ленче Стојменова, а деновиве беше промовиран и портретот „Поезијата повод и причина“ на роднокрајната авторка Љубинка Давидовска, која е автор на повеќе збирки поезија за деца и возрасни, збирки раскази и драмски текстови за деца.

На 17 мај ќе биде отворена изложба на јапонски графики во дрворез изработени од јапонски графички мајстори. За 20 мај е закажана премиерната изведба на претставата „Во чекор со малиот принц“ во режија на Перо Даниловски, а од 28 мај до 2 јуни во Центарот за култура во Кочани ќе се одржи Драмскиот аматерски фестивал ДАФ 2018.

DAF

На сцената во Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево, програмата започна со хуманитарен концерт во организација на Црвениот крст. На 11 мај  се одржа литературен портрет на целокупното творештво на хумор и сатира на Миле Ѓорѓијоски. Концертот на „Танец“ е закажан за 15 мај, а на 21 мај ќе се одржи промоција на на книгата на Војче Китаноски.

Мај во Центарот за култура „Марко Цепенков“- Прилеп ќе биде месец на детското творештво. На програма беше филмот за деца „Неверојатната приказна за џиновската круша “. Досега се одржаа концертите на класична музика со гости од Русија, и на Христина Никоска и Арсениј Ангелески. Во тек е изложба на дела од Агрон Салиу, а на 18 мај ќе биде отворена изложбата на Сергеј Дамовски. За 18 мај во галеријата „Борко Лазески“ е планирано отворањето на изложбата на Емил Димоски, а во ликовниот салон на 23 мај изложбата на Илина Арсова.

prilep_saliu

Секоја сабота во текот на месец мај во библиотеката  при Центарот за култура во Крива Паланка, се одржуваат креативни работилници во Квилинг техника (изработки од хартија). Отворена е аматерска ликовна изложба на слики од Сузана Пешовска, додека на 28 мај со изложба на дела ќе биде заокружен настанот од креативната работилница во техника квилинг. На 31 мај  ќе биде отворена изложба на ликовни дела од членовите на ликовното студио при Центар за култура Крива Паланка.

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, концерт одржа Каролина Гочева, беше прикажан филмот за деца „Џиновската круша“, концерт имаше и младиот пијанист Матеј Коруновски со што се одбележа патрониот празник на ОУ „Бајрам Шабани“. Промоцијата на книгата „Сага за македонските воени пилоти“ од авторите Ставре Џиков и Киро Кипровски се одржа на 9 мај, а ден потоа концерт имаше триото „Колегиум“. Фолклорниот  фестивал „Јекипе“ (Единство) ќе се одржи на 12 мај, а детскиот фестивал „Пеперутки“ на 14 мај.  Во изложбениот салон на 26 ќе се реализира Малински фото фестивал, а на 31 мај меѓународна изложба на уметнички фотографии „Мајски салон“.

Со своја програма, Руската амбасада ја започна мајската програма во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, по што се одржа и промоцијата на книгата афоризми од Ѓорги Панов. Изминативе два дена се одржаа концертот на Каролина Гочева и Фестивалот на староградска музика „Под кулите на Струмица“ .

Каролина Гочева гостуваше и во Штип, каде што концерт одржа и ансамблот „Македонија“.

stumica