Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, престојува во работна посета во Гдањск, Република Полска, каде на покана на Европскиот центар за солидарност учествува и е еден од главните излагачи на 6. Европски форум на тема „Европа – поглед кон иднината“, кој го организира Европскиот центар за солидарност и Градот Гдањск. Пред почетокот на конференцијата, тој денес оствари средба со легендарниот водач на Солидарност, нобеловец и поранешен претседател на Р.Полска, Лех Валенса, на која разговараа за актуелните состојби во Македонија и регионот и глобалните политички и демократски предизвици...
На маргините на конференцијата „Европа – поглед кон иднината“ која се одржува во Гдањск, министерот Алаѓозовски оствари средба со Лех Валенса, поранешен претседател на Република Полска и водач на демократските промени во оваа земја во 80тите и 90тите години.
Алаѓозовски го запозна со актуелната политичка ситуација во Македонија, демократските промени кои се случија пред една година и чеко0рите на новата влада во насока на консолидација на демократските процеси и враќање на земјата кон евроатланските интеграции.
Валенса се интересираше за деталите околу решавањето на спорот со името и развојот на добрососедските односи. Тој ги поздрави напорите на Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и рече дека Европската унија мора да го обедини целиот европски регион, да развие дури и федеративни односи со САД доколку сака да ги преброди успешно предизвиците на глобализацијата.
Валенса истакна дека и Полска се соочува со демократски предизвици, но дека единствен начин за нивно надминување е преку „словото“. Ова е ера на словото, како единствен начин за решавање на демократските проблеми и дека секое владеење преку стравот од непријатели (стравот од комунизмот, соседите, Кина, Русија) е несоодветен, истакна поранешниот полски преседател.
Министерот Алаѓозовски денес ќе оствари средба и со градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, по што ќе следува и негово излагање на овој значаен европски Форум.