Министерот Асаф Адеми на конференцијата на ЗЕЛС - „Децентрализација: Патот што претстои“

„Децентрализација: Патот што претстои“ е насловот на националната конференција што се одржа денеска во хотелот „Александар Палас“ во организација на ЗЕЛС, а со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во нашата земја ... 

Minister_konferencija_1_-1

На конференцијата, во присуство на членовите на претседателството на ЗЕЛС, министри во Владата на Република Македонија и други гости, воведни обраќања имаа претседателот на Владата Зоран Заев, шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, амбасадорот Клеменс Која и претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов.

Во рамките на конференцијата, која претставуваше своевидна дебата меѓу локалната и централната власт, градоначалниците, како и претставниците на Комитетот на советите при ЗЕЛС, дискутираа со повеќе министри од Владата на Република Македонија, меѓу кои и министерот за култура Асаф Адеми.

Министерот Адеми истакна дека се големи предизвиците и неизвесноста што ги носи со себе процесот на децентрализација во културата и затоа токму еден од приоритетите во Стратегијата за развој на културата за периодот 2018 - 2022 година е децентрализацијата во културата, која претставува комплексен процес во создавањето можност секоја општина која сака да управува со културна институција да го добие тоа право.

Адеми подвлече дека во Предлог-буџетот на Министерството за култура за 2019 година, за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа се предвидени 125 милиони денари, што е значајно зголемување во однос на 2018 година кога за оваа намена беа предвидени само 10 милиони денари. Тој додаде дека  во изминатиот период многу аналитично и посветено работеше и меѓуресорската работна група која изработи анализа со нотирани конкретни состојби и забелешки.

Minister_konferencija_2

„Анализата потврди дека недостигот на финансиски средства, недостигот на стручен и административен кадар, како и нефункционалните  објекти, се генерални предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа. За надминување на овие  проблеми, потребен е координиран пристап  кој би се движел во насока на: зголемување на блок-дотациите; обезбедување средства за одржување на објектите; одобрување на барањата за нови вработувања, како и побрз процес на добивање согласности за нови  вработувања од Министерството за финансии; обезбедување дополнителни средства и капитални дотации во културата и друго“, рече Адеми.

На конференцијата, која претставува продолжување на веќе воспоставената успешна соработка што ја градат општините со Владата на Република Македониј, беа  изнесени и предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа при спроведувањето на своите надлежности, како и одредени ставови и барања упатени до централната власт кои се во насока на градење финансиски стабилни општини што ќе можат да испорачуваат квалитетни услуги за граѓаните.