Министерот за култура Асаф Адеми денеска во Музејот на македонската борба се обрати на отворањето на тематската мултимедијална изложба „Спомени од Првата светска војна“...
Министерот Адеми на отворањето на изложбата пред посетителите, меѓу кои и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, истакна дека светот годинава преку многубројни активности и иницијативи ја прославува 100-годишнината од крајот на еден од најдраматичните и најкрвави настани во човештвото, во кој учествувале повеќе од 65 милиони луѓе од 30 земји во светот и кој однесе 35 милиони жртви.
„Првата светска војна остави неизбришливи траги во колективната меморија на народите, а денешната изложбата е само еден од настаните со кои Република Македонија се приклучи кон светските иницијативи за одбележување на 100- годишниот јубилеј“, рече Адеми.
Тој додаде дека станува збор за тематска презентација на историските настани и процеси во земјава и во регионот претставени низ богатиот музејски фонд на пишани, визуелни, документарни и лични предмети, преку кои денеска дознаваме повеќе за животот во Големата војна, но и за војната во секојдневниот живот.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура, а носител на проектот е Музејот на македонската борба во соработка со Музејот на Македонија и Заводот и музеј Битола.