Обраќање на министерката за култура на 48–то издание на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби”

Поезијата на Кочо Рацин  по своите содржини,  по своите пораки, и по своите изразни особености ги поврза времињата,  истакнувајќи ги стремежите на македонскиот народ за неговата национална и културна самобитност.

Почитуван г. Горан Петров, градоначалник на Велес,

Почитуван г. Раде Силјан, претседател на Друштвото на писателите на Македонија,

Почитувани пистатели, поети, почитувачи на делото на Рацин,

Дами и господа,

Дозволете ми да ве поздравам и да го изразам моето големо задоволство што вечерва имам можност да ви се обратам на свеченото отворање на 48–то издание на меѓународната поетска  манифестација „Рацинови средби”. Несомнено дека оваа дводневна церемонија, која е слична на прославите на книжевните великани во Европа е убав повод да се навратиме на делото на  Кочо Рацин, великанот на македонската книжевна реч, првиот  македонски автор објавен во плејадата на УНЕСКО. Вечерва повторно ќе се потсетиме  и на епохата во која тој живееше и создаваше, воспоставувајќи фасцинантна комуникација со најклучните теми на македонската духовност, од богомилскиот период се до најблескавите страници на европскиот експресионизам, испишани од неговата  верба дека утре ќе се отвори нова надеж за Македонија, на картата на Европа и на светот.

Почитувани присутни,

Со поезијата на Кочо Рацин, македонската литература ја доби неопходно потребната поврзувачка нишка меѓу традицијата и современоста. Создавајќи во дослух со претходниците, Рацин ги постави основите на современиот развој на македонската поезија, осмислувајќи еден нужен континуитет произлезен од народната песна, чиј јазик токму во неговиот творечки зафат ги покажа неисцрпните можности  на уметноста  на пишаниот збор. “Со постигањето на ваквата синтеза, пишува Блаже Конески, Кочо Рацин стекна трајна заслуга во изградбата на нашиот поетски јазик и ние секогаш  ќе ја набљудуваме нашата поетска традиција и низ неговиот поглед”. Поезијата на Кочо Рацин  по своите содржини,  по своите пораки, и по своите изразни особености ги поврза времињата,  истакнувајќи ги стремежите на македонскиот народ за неговата национална и културна самобитност. Рацин знаеше да верува во Македонија и кога неговите современици не се ни осмелуваа да помислат да се спротивстават на апсурдните идеолошки игри околу иднината на Македонија. Со својот изворен интелект и со стихозбирката  Бели мугри, објавена на македонски јазик  во далечната 1939 година во Хрватска, патуваше низ европските метрополи. Таа поетска магија, исплетена од колоритноста на македонскиот  збор стигна  од Москва до конгресната библиотека во Вашингтон и до брановите на радио Лондон, разнесувајќи ја величината и богатството на македонскиот збор  низ неговиот раскошен поетски идиом и милозвучноста на простонародните зборови. Стихозбирката “Бели мугри” и од денешна дистанца претставува врв на македонската творечка мисла во периодот меѓу двете светски војни и конечно, остварен резултат во кој на своевиден начин се слеваат сите поетски обиди од времето на преродбата до предвечерјето на слободата, во која нашата литература го доживеа својот брз и богат развој.

Почитувани присутни,

Франција денес го слави Виктор Иго,  Русија го слави Пушкин,  Шпанија Лорка,  Германија Бихнер, а  со задоволство ќе забележам  дека ние ја славиме генијална поетска мисла на Рацин,  неговото визионерство, со  кое се издигна високо на интернационалниот книжевен пиедестал.  Оваа манифестација која безмалку пет децении го чествува творештвото на основоположникот на современата македонска поезија е настан од огромно значење, преку кој Република Македонија покажува свест за својата традиција и грижа за нејзино зачувување, осветлување и афирмирање. Воедно со оваа манифестација,  Велес, градот во кој е отворено   првото училиште на македонски јазик, првата гимназија, првиот театар, првата библиотека, првиот музеј, првото музичко училиште во Македонија, повторно ја подвлекува својата улога на културен центар во кој се негуваат вистинските вредности во културата. 

            Почитувани присутни,

Трајните вредности и нивното негување се од особен интерес за Министерството за култура на Република Македонија. Токму затоа имаме особена чест да ја поздравиме и да ја помогнеме оваа манифестација, која во духот на уметноста ни ја доближува историјата суптилно. На крајот дозволете ми на сите вас и на гостите поети од Бугарија, Украина, Романија и Србија, да ви посакам успешна манифестација и интересно патување низ елипсите на сегашноста и на историјата. Нека поезијата на Кочо Рацин  биде повод за ваша плодотворна комуникација.

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia