Нема поприродно нешто од ваква прослава, за земја која и светот ја препознава како микс на различности од секаков вид и во која би можеле да организираме 365 денови на разноликоста, без опасност да повториме некои од нејзините аспекти. Сепак и во 21 век, и покрај таа наша природна состојба и богатство, дискриминацијата и нееднаквоста се, за жал, сè уште присутни во голема мера во нашето општество, во културата, образованието, вработувањето, како и во многу други аспекти од нашето секојдневие.
Во оваа модерна, дигитална ера, која ги носи своите сериозни предизвици со кои се соочуваме сите ние, чувствуваме суштинска потреба, преку вакви активности и настани, да ја популаризираме улогата и вредноста на различноста и да го рефлектираме човечкиот и културниот диверзитет на нашето општество. Затоа сме тука - да ја изразиме нашата недвосмислена поддршка за овој настан и вредностите што тој ги промовира - правото да се биде различен, правото на слобода на изразување, заложбата за негување на културата и уметноста на различните општествени групи и заедници, како и свесноста за вредноста на почитувањето на различностите во функција на постигнување на одржлив развој и благосостојба на општеството.
За да ги постигнеме овие наши заеднички цели и заложби, неопходно е да ги замениме досегашните политики и пристапи во нашето општество со стратегии и политики коишто ја земаат предвид плуралноста и хетерогеноста на различните култури и практики на еден посуштински начин, кои ги изразуваат потребите, спецификите, желбите, интересите, верувањата и светогледите на различните групи во општеството. Затоа, овој фестивал претставува одлична можност, не само за вкусување и вреднување на уметнички квалитети и ангажирани пристапи за општествени промени, туку и поттик за нашата јавност да им пристапи на овие прашања на отворен начин.
Со нашето присуство тука, уште еднаш потврдуваме дека еднаквоста, правдата и солидарноста се темели на кои треба да ја градиме нашата заедничка иднина, да создадеме едно вистински демократско и отворено општество, еднакво за сите граѓани. Културата и уметноста се моќни оружја кои можат да ни помогнат да стигнеме до нашата цел. Ве повикувам да ги искористиме, на најдобар можен начин!