Обраќање на м-р Роберт Алаѓозовски, министер за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО – шеф на македонската делегација на 39-тото заседание на Генералната конференција на УНЕСКО (2.11.2017 год. – Париз)
Почитуван Претседател на Генералната конференција; Почитуван Генерален директор на УНЕСКО; Почитуван Претседател на Извршниот одбор; Почитувани шефови на делегации, Екселенции, дами и господа,
Ми причинува голема чест и задоволство, во името на Владата на Република Македонија и на нејзината делегација, да ве поздравам и да изразам желба за успешна и плодотворна работа на 39-тото заседание на Генералната конференција на УНЕСКО.
Владата на Република Македонија, како држава членка на УНЕСКО, секогаш обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и активно ги промовира и ги имплементира нејзините активности и иницијативи во областа на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, програмите за млади и за граѓанското општество, човековите права, како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво.
Република Македонија настојува да реализира активна соработка со другите држави членки на УНЕСКО, базирана на демократските принципи за кои се залага Организацијата. Човековите права и слободи се императив за креирање и развој на актуелните политики и практики во нашата земја. Со почитување на културната разновидност и со подигање на свеста за значењето на интеркултурниот дијалог, се стремиме да ги надминеме стереотипите, да ги продлабочиме пријателските и хуманите односи меѓу луѓето во насока на градење похуман свет, отворен за нови облици на конструктивен и креативен дијалог, како една од суштинските заложби на Организацијата.
Во оваа насока, во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО, Република Македонија ја продолжи пријателската соработка со земјите членки на УНЕСКО преку реализација на конкретни активности кои придонесоа за збогатување на професионални искуства и капацитети во доменот на сите области во нашата земја. Истовремено, направивме напори заеднички да учествуваме во надминување и искоренување на актуелните проблеми со кои се соочува човештвото на глобално ниво - сиромаштијата, климатските промени, нетолеранцијата, тероризмот, миграциите.
Во оваа пригода ќе ги споменам позначајните активности што ги реализиравме заедно со УНЕСКО, и тоа: прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија; отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста; во процедура е и отворањето на трета катедра на УНЕСКО на Факултет за музичка уметност во Скопје за управување со авторските права во музиката и креативните индустрии во дигиталната околина. Република Македонија од 2014 година се вклучи во долгорочната програма „Човекот и биосферата“ и со меѓусебна соработка со Република Албанија успешно го реализиравме прогласувањето од страна на УНЕСКО на Охрид - Преспа како прекуграничен биосферен резерват. Нашата држава активно се вклучи во проектот „Кон зајакнато управување со заедничкото, прекугранично природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро” – УПСТРИМ ПРОЦЕС, кој се реализира од страна на УНЕСКО и ЕУ и претставува прекугранична соработка меѓу Албанија и Македонија за ефикасност во управувањето со културното и природното наследство во регионот на Охридското Езеро, а од особена важност е дека досега впишавме три елементи на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, а оваа година се надеваме дека ќе ги впишеме и мултинационалните апликации за: „Културните практики поврзани со 1 март - Мартинките“ на Бугарија, Романија, Молдавија и на Македонија и „Хидрелез“ на Турција и на Македонија. Нашата држава, со прогласувањето на градот Битола за креативен град во областа на филмот, се вклучи во УНЕСКО-вата мрежа на креативни градови.
Сите проекти што ги реализиравме досега со УНЕСКО дадоа силен импулс во афирмацијата на универзалните вредности на Република Македонија.
Почитувани,
Мирот, образованието, културниот и религискиот дијалог се основа за човековото постоење и суштински вредности за индивидуалниот и колективниот цивилизациски развој. Културата и образованието, особено нивното синхронизирано дејствување и нивната социјална инклузија во останатите области на општественото живеење, се едни од најважните политики и приоритети на државите преку кои тие меѓусебно се интегрираат, соработуваат и идентификуваат во меѓународен контекст. Денес сите ние имаме одговорност и обврска кон ова светско наследство, да го реобмислиме и усогласиме со цел да го направиме достапно за сите. Ова, дотолку повеќе, ако го земеме предвид фактот дека кутурата и образованието сѐ повеќе се потврдуваат како витални елементи за општественото и цивизациското живеење и напредок.
Република Македонија веќе долго време успешно и ефективно е вклучена во програмите на Европската Унија и во меѓународните проекти за партиципација на населението во образованието како дел од целите за постојан развој на ОН. Токму затоа, во овој период на глобализација на секое ниво, Акциската рамка на УНЕСКО - „Образование 2030“ поставува пред нас нови искушенија и предизвици за масовно и квалитетно образование со што би се обезбедиле еднакви можности за образование за сите на глобално, регионално и на национално ниво.
Сакам да одбележам дека во Република Македонија континуирано настојуваме, преку реализацијата на повеќе проекти, да овозможиме подобрување на квалитетот на образованието, вреднување и воведување соодветни образовни политики и нормативна легислатива и формулирање на стратегии и програми во рамките на долгорочната програма на УНЕСКО „Образование за сите” и доживотно учење. Една од нашите заложби е и поголема интеграција на образованието со културата, подигање на свеста за значењето на културното наследство и културната разновидност како матрица за идентификација на еден народ. Ние инвестираме во современо и апликативно образование кое ќе одговори на развојните потреби на државата и ќе биде компатибилно и рамноправно со образованието на државите на Европската Унија.
Почитувани, во оваа пригода сакам да одбележам дека на нашата држава ѝ беше особена чест членството во Извршниот одбор на УНЕСКО во периодот од 2011 до 2015 година и дека ние и во иднина доследно ќе се залагаме за натамошно развивање на Организацијата, засилување на нејзината меѓународна улога, унапредување на традиционалната соработка со сите држави членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал со кои располага во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а се во доменот на УНЕСКО.
Почитувани присутни,
Длабоко сум убеден дека и покрај комплексните предизвици со кои се соочува човештвото, ќе успееме да ги потврдиме во практика заложбите на УНЕСКО и на нејзините членки дека светот може да стане поперспективен и поуспешен преку: поддршка и јакнење на интеркултурниот дијалог, искоренување на сиромаштијата, развој на образовните политики во насока образованието да стане достапно за сите, промоција и поддршка на творечкиот потенцијал базиран на културната разновидност и слободата на изразување, како и преку унапредување и зајакнување на меѓународната соработката меѓу земјите и сите активни чинители во овие прогресивни процеси.
На крајот ќе нагласам дека трајна определба на нашата држава е зачувување на мирот, продлабочување и развивање на демократските процеси во сите домени на општественото живеење, заштита и унапредување на човековите права и слободи, подобрување на животниот стандард, сестрана соработка со соседите, со европските земји и со сите земји во светот, следејќи ја доследно идејата на Европската Унија за свет со што помалку ограничувања.
Ви благодарам за вниманието.