Обраќање на министерот за култура на 73-годишнината на Националната установа Библиотека „Св.Климент Охридски“ - Скопје

Почитувани домаќини од Националната Установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, почитувани пратеници во Собранието на РМ, почитувани колеги министри и членови на Владата на РМ, драги гости и почитувачи на делото на Св.Климент; Голема чест е да се биде дел од оваа свеченост, со која одбележуваме 73 години од формирањето на една од најстарите и најзначајните наши културни и образовни установи, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, ден пред значајниот државен празник посветен на големиот сесловенски просветител, свети Климент...

pravopis1


Богатата библиотекарска традиција на нашите простори, чии корени досегаат до делото на сесловенските просветители св. Кирил и св. Методиј, е темел врз кој НУБ се гради и ја развива својата дејност. Тоа дело е значајно и му припаѓа на сесловенското и светско цивилизациско наследство. Затоа, денес го чествуваме со гордост и голема почит.

Од библиотечниот фонд кој во 1944 година изнесувал околу 150 000 библиотечни единици, НУБ постојано се развиваше и ги надградуваше своите капацитети. Библиотеката денес е водечки извор на материјали во истражувачката дејност, депозитна библиотека и еден од предводниците во дигитализацијата на книжното богатство на земјава, со фонд на изданија што содржи над 3 милиони единици.

Оваа Библиотека е мошне важна за сите нас, не само поради историјата и знаењето што ги акумулира во себе. Таа е место во кое живее и се негува нашиот јазик, столбот на македонскиот идентитет, таа е продолжување на мисијата на Св.Климент и сите оние кои посветено и со големи жртви низ вековите го чуваа и негуваа јазикот на народот, успевајќи да ги победат сите предизвици и обиди за асимилирање и обезличување.

Книгата е чувар на јазикот, преку неа тој живее и се развива, се збогатува и опстојува низ времињата. Преку пишаниот збор, ние оставаме траги за нашите времиња, го чуваме и негуваме македонскиот јазик, не само за нас, туку и за идните генерации.

Сепак, денешницата, модерната дигитална ера и технолошките достигнувања носат нови предизвици за употребата и развивањето на нашиот јазик. Сведоци сме на несоодветно користење на јазикот, книгите, во печатот, во јавниот дискурс и медиумите, на Интернет. Овие опасности бараат соодветни решенија и одговор.

Токму затоа, почитувани, дозволете ми да ја искористам оваа прилика и нашиот голем празник за да објавам дека Владата на РМ и Министерството за култура, во соработка со НУБ и Институтот за македонски јазик, работеа посветено во изминатиот период, за токму на овој значаен ден, на граѓаните на Република Македонија да им овозможат една нова алатка со која ќе ги унапредуваат своите знаења за користење на стандардниот македонски јазик. Го имам задоволството да ве информирам дека од денес, на адресата правопис.мк на Интернет, подстраница на НУБ, е поставена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој ќе може да се користи и симнува лесно од сите нас. Сметам дека оваа вест претставува голема радост за сите Македонци не само во нашата земја, затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик, во јавните објави и во јавната комуникација.

Дозволете ми исто така да истакнам дека ова е само еден од многуте чекори што ќе ги преземе Владата на РМ за заштита и унапредување на  употребата на нашиот јазик. Неодамна објавивме 11 предлог мерки, со кои ќе ги развиваме механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери. Тоа им го должиме на нашите граѓани и ветуваме дека ќе работиме посветено за остварување на нашите заеднички цели.

Се надевам дека со овие чекори, со НУБ и другите наши културни, јазични, научни и образовни установи и институции како стожери, ќе продолжиме заедно да чекориме достоинствено по патот кој го трасираа Св.Климент и нашите просветители. На библиотеката и посакуваме уште многу успешни години и збогатување на ризницата и традицијата, а на сите нас – да ни е честит големиот празник – Св.Климент Охридски. Ви благодарам.