Обраќање на министерот за култура на финалната презентација на нацрт - стратегијата за развој во културата 2018-2022

Министерството за култура на Република Македонија во Музејот на современа уметност во Скопје одржа јавна презентација на нацрт - стратегијата за културен развој на Република Македонија за 2018 – 2022 година и на нацрт - акцискиот план за 2018 година, на која присуствуваа околу 100 претставници на културните институции и установи, граѓанските организации од културата, видни уметници и културни работници. На присутните им се обрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски...

1_naslovna

Почитувани партнери, колеги и соработници, драги културни работници и уметници;

Со денешната презентација и дискусија, заокружуваме еден важен, сложен и макотрпен процес, кој со ваша поддршка беше изведен успешно, иако во речиси невозможни рокови и услови.  Затоа,  дозволете ми, уште на самиот почеток, на сите што учествувавте и се вложивте безрезервно, да ви честитам на постигнатиот резултат.

Без оглед на предизвиците, во овие три месеци обезбедивме суштинска јавна расправа, со директна вклученост на актери од сите засегнати страни, низ цела земја. Производ на таа соработка се овие два документи, кои треба да претставуваат водилка во спроведувањето на новите културни политики во наредните 5 години. Преку 15-те средби и дебати низ цела Македонија со учество на стотици претставници на институциите, граѓанските организации и групи на уметници и културни работници;  преку извештаите и предлозите на институциите од културата, преку десетиците предлози кои дојдоа од различни вонинституционални актери, преку нашите посети во речиси сите градови и културни установи низ земјата и извештаите на нашите стручни служби, добивме реален приказ за сегашните состојби и за приоритетните потреби на нашата култура, како и одлични предлози и решенија за проблемите, со кои се соочуваме повеќе години наназад.  

2_publika

Нема да кажам ништо ново и не би сакал да звучи како оправдување, доколку констатирам дека речиси сите параметри и податоци до кои дојдовме, укажуваат дека состојбата во сферата на културата во секој поглед е очајна и дека ќе ни требаат натчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнувањето и напредокот.

Наместо тоа, сакам да нагласам дека низ овој процес детектиравме фантастичен потенцијал кој постои меѓу нас, базен на знаење, вештини, идеи, инфраструктура која со малку подобра организација и поддршка може да го произведе тој напредок, кој се чини тешко достижен.

Почитувани;

Нашите стратешки заложби се јасни - Културата до сите, култура за сите! Граѓаните што поблиску до и во културата, култура во секој дел на Македонија, за сите граѓани подеднакво. Но, имајќи ги предвид околностите кои не се ни малку оптимистички - со уништени општествени вредности, институции, образование, поделби по многу основи, скромни економски можности и долгови наспроти долгогодишно мегаломанско, коруптивно и непродуктивно трошење, верувам дека сме свесни за тешкиот пат кој е пред нас.  Спроведувањето на културните политики во наредните 5 години, воедно, ќе треба да даде одговор на повеќе важни прашања:

Како ќе се справиме со долговите од минатото? Како да обезбедиме елементарни услови за функционирање на објектите на културата, повеќето од кои се соочуваат со големи проблеми како последица од долгогодишната негрижа? Како ќе се справиме со Скопје 2014-та, не само со злоупотребите, криминалот и узурпацијата на јавниот простор, туку и со дисфункционалноста на дел од прескапо платените нови објекти?

Како да ја заживееме и модернизираме институционалната култура? како да и дадеме поддршка на независната сцена која беше со години запоставувана и маргинализирана? Како да ги унапредуваме вештините на нашите културни работници за да бидеме компетитивни на меѓународната културна сцена, како да дојдеме до поголемо искористување на меѓународната поддршка?  Како нашата култура, нашето богатство од разноликости да стане конечно наш светски препознатлив извозен продукт, а не повнатрешнето средство за создавање поделби?   

2a_publika

Документите кои се пред нас претставуваат солидна основа за да дојдеме до одговорите на овие прашања. Секако, како што покажавме во овие неколку месеци, потрагата ќе мора и понатаму да се одвива низ ваков отворен процес, всушност процес кој во една динамична култура никогаш и не престанува.

Убеден сум дека низ меѓусебно почитување, низ аргументирани расправи и критики, низ активно учество, притискање и употребување на институционалните механизми, дури и во овие теоретски и стратешки контексти, ќе дојдеме до одржливи решенија.

Иако понекогаш ни се чини дека работите тешко се менуваат, дека се движиме премногу бавно, барам од вас, од сите нас, да го задржиме овој ентузијазам и оваа посветеност, која што не доведе во неспоредливо подобра ситуација од онаа во која што функциониравме пред само една година. За вистински и суштински промени и културен напредок ќе ни треба уште многу време и напори, но и добар план и координација, што се надевам ќе ги препознаете во овие документи. А јас ве уверувам дека во Министерството за култура, во сите нас кои сме дел од институциите во културата, ќе имате достојни сопатници и посветени соборци во нашата заедничка борба за подобри денови за културата во Македонија.   

3_publika

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia