Обраќање на министерот Алаѓозовски на Конференцијата на министрите за култура во Давос, Швајцарија

На конференцијата, на која министрите за култура ги усогласуваат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата, Баукултур (Baukultur), во неговото обраќање, министерот Алаѓозовски истакна дека овој концепт доаѓа во вистинско време, кога Македонија се соочува со сериозни предизвици во однос на диспропорционалниот раст и развој на нејзината територија поради миграциите и економската криза, со недостаток на грижа и одговорност за средината и нејзините вредности, со намалување на квалитетот на градењето и загуба на регионалните традиции...

davos1

Почитувани Екселенции, почитувани гости, дами и господа:

Чест ми е да бидам дел од Конференцијата на министри за култура во Давос и да ја поддржам Декларацијата од Давос од 2018 година во две улоги: прво како министер на мојата земја - Република Македонија, и второ - како активен културен работник многу години досега.

Иако во смисла на нашите цивилизациски вредности, историски, географски и културни врски, сите ние сме членови на големото европско културно семејство, како министри за култура во нашите земји често спроведуваме посебни културни политики и користиме различни стратегии, приоритети и инструменти во нашите напори за одржлив културен развој, за поддршка на националните креативни енергии за подобро запознавање и соработка на меѓународно ниво. Овие напори се вредни сегменти, кои секојдневно ја исполнуваат големата слика на мозаикот на современата европска култура, каде секој сегмент носи своја посебна искра во целокупниот раскошен сјај на нашето заедничко културно небо.

Во таа смисла, исто како и Европа во целост, Македонија е таписерија на цивилизации - на различни луѓе, јазици, религии и етнички групи што коегзистирале  со векови, создавајќи уникатен микс на култури и оставајќи траги што се испреплетени во нашиот животен и културен простор. Наместо да го гледаме ова како хендикеп, претпочитаме да ја прегрнеме оваа разновидност и културите на партикуларното, гледајќи на оваа неверојатна разновидност како богатство и извор на сила.

А сепак, во целиот комплекс на висока култура и уметност, се чини како секогаш имало нешто што недостасува - некоја поврзувачка нишка, која не само што ќе ги поврзе минатото и сегашноста, наследството и модерноста, туку ќе им даде аура на безвременски интегрирана идеја, цврста стратешка определба кон културата на поврзување и соработка, култура на почит, на кохезија, но исто така и на заедничка одговорност за нашето заедничко минато и иднина.

adress_Alagjozovski_davos_conference_22_jan_2018

Во време кога Република Македонија се соочува со сериозни предизвици во однос на: диспропорционален раст и развој на нејзината територија поради миграциите и економската криза; недостаток на грижа и одговорност за амбиентот и просторот  и неговите вредности; намалување на квалитетот на градењето и на изградената средина воопшто; загуба на регионални традиции и идентитети итн.; силно верувам дека треба да го прифатиме концептот на висококвалитетен Баукултур, како одговорен и самосвесен чин на грижа за вредностите на средината, на неколку нивоа кои бараат заеднички напори:

Имено, треба да се стремиме кон стратегии за подобро планирање за развој на нашите населби и пејзажи. Повисокиот квалитет на целиот животен амбиент треба да биде стратешки императив на целокупната територија на земјата, поттикнувајќи еднаков развој и зголемување на грижата за мали и средни градови и речиси напуштени рурални области, кои се маргинализирани со години поради миграцијата и економската криза;

Понатаму, препознавањето на културното наследство треба да се сфати како единствен и моќен инструмент за регенерација, одржлив развој и економски раст, како и важен ресурс за промоција на културната разноликост. Во контекст на Европската година на културното наследство 2018, треба да ги фокусираме напорите за подобро препознавање и потемелна и подлабока грижа за културното и изграденото наследство, особено за истакнатите примери на загрозената модерна архитектура;

Понатаму, имаме за цел да го подигнеме севкупниот квалитет на процесот на градење, кој ќе обезбеди добри и здрави услови за живеење и работа. Ова треба да се постигне преку подобрување на квалитетот во процесот на дизајнирање и креирање, зголемување на квалитетот на архитектурата, како и преку знаења и вештини на сите засегнати страни вклучени во процесот;

Освен тоа, висококвалитетниот Баукултур во голема мера се потпира врз негувањето на историското знаење и деталното мајсторство и занаетчиство. Затоа, треба да ги ревитализираме традиционалните и локалните градежни вештини како активен модел на педагогија и да ги ставиме во врска со современите иновативни висококвалитетни концепти, материјали и техники. Само преку креативно учење од минатото можеме да постигнеме коегзистенција на културното наследство и современото создавање.

Како министри за култура, свесни сме дека културата не е често приоритет и никогаш не стигнува лесно на политичката агенда. нема да биде лесно ниту со оваа Декларација. Но, за Македонија, таа доаѓа во вистинско време, бидејќи ние како Министерство и Влада сме во процес на донесување на Националната стратегија за културен развој 2018-2022. Во овој контекст, со гордост ве информирам дека во оваа Национална стратегија веќе се осврнуваме на оваа Декларација и вклучуваме некои од нејзините делови. Нека биде тоа наш почетен придонес во нејзината побрза имплементација. Имајќи го сето ова на ум, јас сум повеќе од среќен да ја поддржам Декларацијата од Давос од 2018 година, со нетрпение очекувајќи ја Европа на висококвалитетен Баукултур.

Роберт Алаѓозовски,

Министер за култура на Република Македонија

Давос, Швајцарија, 22.01.2018

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia