Обраќање на министерот за култура, презентација на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018

Обраќање на министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски по повод презентацијата на Годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на „Европската година на културното наследство 2018“, одржана на 31 јануари 2018 во ЕУ Инфоцентарот во Скопје...

Alagjozovski_Godina_na_Evropsko_kulturno_nasledstvo_31_jan_2018_foto1

Почитуван амбасадоре Самуел Жбогар, Шеф на Делагацијата на Европската Унија во Република Македонија;
Почитувана д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство;
Почитувани присутни,

Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што денеска имаме извонредна можност да најавиме една искучително значајна и богата национална програма на активности со кои и Република Македонија ќе им се приклучи на земјите-членки на Европската Унија во прославувањето и одбележување на Европската година на културното наследство.

Имено, во текот на оваа 2018 година во знакот на овој значаен европски културен моментум заедно со Делагацијата на Европската Унија во Република Македонија и Управата за заштита на културното наследство, ќе реализираме една комплексна национална програма со бројни активности од доменот на заштитата на културното наследство, преку кои уште еднаш заеднички ќе ги демонстрираме нашите заложби за потемелна и подлабока грижа за нашето културно наследство, но и нашите заложби за нагласување на неговата европска димензија.

Ќе реализираме настани, конференции, експертски дебати, промоции преку кои ќе ја истакнеме симбиозата меѓу европските вредности и македонската култура, ќе прикажеме еден нов, модерен и рафиниран начин на културна интеракција помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу историјата и современото живеење, помеѓу археологијата и современиот културен идентитет на македонскиот народ, напластен низ вековите на континуирана креација и долготраен развој на репрезентативното творештво.

Почитувани присутни,

Како што напоменав, оваа година културното наследство ќе биде во фокусот на Европа. Низ европските региони и градови ќе се одигруваат мноштво културни настани поврзани и посветени на културното наследство на Европа, кои заедно ќе ја идентификуваат Европа како заедница на вредности, заеднички ресурс кој треба да ја зајакне свеста за заедничката историја и вредности и да го зајакне чувството на припадност во заедничкиот европски простор.

Република Македонија со своето културно наследство и подеднакво европски вредности несомнено припаѓа на тој европски простор.

Македонската почва секогаш била место каде се вкрстувале различни цивилизации и култури. Културното наследство, со својата разновидност и посебност е еден од клучните елементи за препознавање, дефинирање и афирмација на културниот идентитет на една земја.

Alagjozovski_Godina_na_Evropsko_kulturno_nasledstvo_31_jan_2018_foto_3

Нашето културното наследство е рефлексија на нашата колективна меморија и израз на нашите вредности, идентитети, верски и други верувања, нашето знаење и традиции. Каде и да погледнете во Република Македонија, ќе наидете на археолошки локалитет, средновековни цркви и џамии, еклектична градска архитектура. Тука е и богатството на нашата фолклорна традиција, обичаите и традициите кои се пренесуваат на помладите генерации. Културното наследство се литературата, уметноста, музејските предмети, занаетите кои ги учиме, приказните кои си ги раскажуваме, храната која ја јадеме и филмовите кои ги гледаме.

Еден од врвните приоритети на Министерството за култура на Република Македонија е културното наследство, неговата заштита и промовирањето на неговите европски вредности, а начелото за европеизација на македонскиот културен контекст е едно од клучните во нашата нова стратегија за културен развој.

На европско ниво, Европската година на културното наследство е обмислена да го промовира културниот диверзитет преку меѓукултурен дијалог и социјална кохезија, но и да го нагласи економскиот придонес на културното наследство и креативниот сектор, како и улогата која тие ја имаат за локалниот и регионалниот развој. Токму овие принципи се стожерни и во политиките на Владата на Република Македонија и Министерството за култура.

Оттука, сметам дека иницијативата на нашата Управа за заштита на културното наследство да се вклучи во прославувањето и одбележувањето на македонското културно наследство како дел од Европската година на културното наследство е одличен чекор во насока на нашите заложби со цел да покажеме дека Република Македонија со својата традиција, уметност, споменици на културата и традиционални локални специфики е интегрален сегмент на земјите кои со заедничка синергија ја формираат импресивната културна мапа на Европа. 

Министерството за култура во целост ќе ја поддржи Управата за заштита на културното наследство во спроведувањето на активностите во рамките на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство, препознавајќи ги бенефитите кои ќе произлезат од нивната реализација за севкупниот наш општествен контекст.

На крајот, дозволете ми да посакам да реализираме успешна програма со која ќе пренесеме една универзална порака која ја нагласува идејата за заедништво, за свет без граници, за почитување на автентичноста и разноликоста на секоја земја од големото европско семејство.

Ви благодарам на вниманието. 

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia