Денес, кога го прославуваме Светскиот ден на книгата и авторското право, се поклонуваме пред медиумот кој векови наназад овозможува пренесување на универзалните знаења и искуства на човештвото за идните генерации и пред исклучителното значење што го има книгата за цивилизацискиот напредок и она што сме денес. Книгата е врска меѓу минатото и иднината. Таа е мост меѓу генерациите и културите. Таа е посредник меѓу создавањето и споделувањето на мудроста и знаењето...
Книгите се сведок на времето, на човечките капацитети и напори да создаваат реални и имагинарни светови и да им пренесуваат на луѓето пораки за богатството на животот, меѓусебното разбирање и толеранција. Книгата е мисионер на светлината на знаењето, симбол на цивилизациската надеж, стремеж за напредок и дијалог што треба да го негуваме и браниме како суштина на човековото постоење.
На овој ден, човештвото ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време. Во таа вечна борба, книгата е еден од најважните столбови на слободата, човековото себепознавање и слободно изразување и комуницирање.
Цицерон рекол дека една соба без книги е како тело без душа, и токму во таа смисла сум убеден дека и по оваа дигитална (р)еволуција, кога ни се чини дека книгата и читањето отстапуваат пред нови, многу покуси, фрагментирани, несодржајни и манипулативни форми на изразување, има иднина за книгата, за нејзината благородна функција како едукатор и како духовна лектира, која не внесува длабоко под површината и површното комуницирање и ни ја открива сложеноста и суптилноста на нашето постоење, во кое креативноста и негувањето на духот и емоциите имаат централно место.
Книгите го отвораат патот кон заедничка почит и разбирање меѓу народите, независно од границите и различностите. Книгите во сите форми го олицетворуваат човечкиот гениј, му даваат реално богатство на човечкото искуство, вербализирајќи ја потрагата по смислата на човековото постоење и потребата за слободно себеизразување, која е заедничка на сите луѓе во сите општества.
Годинава, кога престолнината на нашата соседна Република Грција, Атина е именувана за Светска престолнина на книгата, ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературна традиција што ги постави темелите на светската книжевност. Наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина.