Обраќање на Министерот за култура по повод промовирањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од македонскиот писател од младата генерација Гоце Смилевски

 

Почитуван Гоце Смилевски автор на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“,

Почитуван Ерван Фуере, висок претставник на Европската Унија во Република Македонија

Почитувани љубители на пишаниот збор,

Дами и господа,

Големиот поет Анри Торо во една прилика забележал..Книгите се наталожено богатство на светот и достојно наследство на генерациите и народите.

Почитувани присутни,

Ми претставува особена чест и задоволство што  вечерва, со промоцијата на уште едно извонредно дело на македонски автор,  романот „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на нашиот познат писател Гоце Смилевски, ја потврдуваме нашата доследност во настојувањата да го презентираме сето она што се создава кај нас во книжевноста, да го збогатиме  македонскиот културен трезор но,  и да продолжиме  да ги градиме нашите мостови кон светот.

Денешната промоција е голем настан за македонската култура и држава. Да се биде рамо до рамо со писателите од Данска, Германија, Белгија, Финска, Луксембург, Романија, Кипар, Естонија, Словенија и Шпанија и да се добие престижната награда  за литература на Европската унија која ја доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи, е уште еден доказ за високото вреднување на македонската литература, и доказ дека времето е мудра категорија која ги потврдува вистинските творци и вистинските вредности.

Гоце Смилевски е претставник на младата генерација на македонски писатели кој се движи по онаа патека што веќе ја трасираа Живко Чинго, Петре М. Андреевски и Венко Андоновски, патека која води и надвор од нашите граници.  Повеќе од 15 години Гоце Смилевски е присутен во македонската литература - со расказите што ги објавуваше по весници и списанија како и со романот „Планетата на неискуството“, објавен во 2000-та година, но, вниманието на јавноста го привлече со романот „Разговор со Спиноза“, кое жирито на „Утрински весник“ го прогласи за роман на годината. Овој роман доживеа неколку изданија и повеќе преводи, а објавен е во Соединетите Американски Држави, Полска, Словенија и Хрватска. Добитник е на низа високи книжевни признанија, меѓу кои: Наградата на Австрискиот и Македонскиот ПЕН Центар за драмата „Три куси танцови чекори преку границата” која е преведена на германски јазик; Наградата на Централноевропската иницијатива за најдобар европски писател до 35 години; и сега – Наградата за литература на Европската Унија за романот „Сестрата на Сигмунд Фројд”. Преку најновото остварување на Смилевски кое вечерва го промовираме, европската читателска публика ќе се запознае со приказната за сестрата на Сигмунд Фројд, ќе го согледа животот на сликарката Адолфина Фројд кој  се развива од нејзиното раѓање па се до нејзиното испраќање во логор, додека меѓу овие две точки од нејзиниот живот се нижат настаните кои го исполнуваат нејзиното постоење. Сигурна сум дека и ова дело на авторот Смилевски ќе се најде на многу европски полигони и дека ќе се закити со бројни признанија.

Почитувани присутни,

Востанувањето на наградата на Европската унија за литература става акцент на креативноста и богатството на европската современа книжевност. Ова признание  овозможи размена на нови креативни дела, атрактивни за граѓаните од Европа и ќе придонесе за збогатување на разновидноста на европското културно наследство. Воедно оваа награда во фокусот ќе ја  стави силата на литературните таленти од Европа, ќе овозможи делата на новите автори да се најдат во рацете на сите читатели во Европа.

Почитувани присутни,

Творештвото на современите македонски писатели ги гради нашите релации со светот. Токму затоа Владата на Република Македонија и Министерството за култура вложуваат големи напори и средсва  во унапредувањето на оваа дејност.  Доказ за тоа е и фактот што Македонската литература се повеќе  го наоѓа своето место во светските  рамки кои не ни се  ниту туѓи ниту  далечни. Наградата на Европската Унија за литература е уште еден доказ за нашиот литературен потенцијал и вредност што претставува уште еден голем успех за нашата култура.

На крајот честитајќи му ја наградата на Гоце Смилевски ќe му посакам уште многу успешни остварувања и уште многу признанија.
Ви благодарам

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia