Обраќање на министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска(прес конференција во Национална галерија на Македонија) по повод промовирањето на проектот 110 години од раѓањето на Лазар Личеновски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски

(прес конференција во Национална галерија на Македонија)

Почитувани претставници на медиумите,
Ми претставува особена чест и задоволство што на денешната прес конференција имам можност да ви соопштам дека оваа година, со големо внимание, Министерството за култура  и сите релевантни институции од областа на ликовната уметност, ќе реализираат активности со кои ќе се одбележат два значајни  јубилеи: 110 години од раѓањето на експресионистот кој го трасираше патот на македонското сликарство, Лазар Личеновски и 100 години од раѓањето на мајсторот на акварелот Љубомир Белогаски.

Овие јубилеи несомнено заслужуваат уште еден поглед кон минатото, но и нов поглед врз сегашноста и иднината  на македонската уметност затоа што историјата сведочи дека Република Македонија отсекогаш ја имала привилегијата да биде расадник на уметничката елита. Таа е дом на истакнати уметници кои низ своите дела даваат слика на животот на едно време и засекогаш го сочувуваат историскиот фрагмент за идните генерации.
Продирајќи  меѓу локалното и глобалното, националното и универзалното, меѓу потребата да се зачува  сопствениот идентитет и потребата да се биде дел од големата културна синтеза, Личеновски и Белогаски дадоа навистина голем придонес во  развојот на македонската современа  уметност.
Големиот виртуоз, првиот и ненадминат уметник што ја откриваше живата и мртвата природа на својот роден крај, Лазар Личеновски,  е всушност првиот македонски ликовен уметник на ХХ век, кој се стекна со интернационална репутација. Неговите заслуги за нашата земја се непроценливи. Со своето дело и со својата исклучителна личност, ја внесе Македонија во културната и ликовната мапа на Европа. Чувствувам бескрајно задоволство што оваа година македонската културна ризница се збогати со фонд на дела на Личеновски кои се несебично донирани од неговите наследници. Збирката од 160 ликовни дела содржи непроценливи слики - масло на платно и масло на шперплоча, цртежи и скици, мозаици, графики, икони и други дела - подароци од неговата колекција.
Овие дела, заедно со претходно донираните дела на големиот реалист-интимист Белогаски ќе бидат трајна вредност во трезорите на нашите музеи за сите поклоници на нивната уметност, за сите вљубеници во нивните бои.
Почитувани новинари,
Како што забележав и претходно, Министерството за култура, во соработка со институциите од ликовната дејност изготви план според кој, оваа година, ликовната уметност ќе им биде секојдневие на сите граѓани на Република Македонија. Преку целата година, во чест на двајцата корифеи  ќе се одржуваат изложби, манифестации, трибини, колонии,  а во мај ќе се реализираат и манифестациите Ноќ и Ден на музеите.
Преку изложбите, работилниците и колониите кои ќе ги организираме граѓаните ќе има можност  да уживаат во творештвото на големите мајстори и нивните врвни дострели, а младите генерации сликари ќе го вложат својот интелект, талент и умешност   да создадат нови вредности кои ќе се надоградат на ликовното и културно богатство и вредностите кои ги оставија Личеновски и Белогаски и кои  се нашиот личен печат за идентификација во светот.
Почитувани новинари,
На денешната прес конференција со мене се присутни и директорите на Националната галерија на Македонија, директорот на Музејот на град Скопје, Директорот на Музејот на современа уметност, претседателот на ДЛУМ, директорот на средното уметничко училиште, деканот на Факултетот за ликовна уметност, како и градоначалникот на општина Делчево. Предлагам тие да ви ги образложат своите програми.
Ви благодарам за вниманието

kultura_logo_2

ohridsko_leto_nova-2

 
    

Линкови

vladamkpretsedatel

sobraniee-demokratija-banner

uslugigovmkkomisija-za-pris-jk

sekretarijatzaeuinvest-macedonia

uzknunesco

ohridsko-letongm

mobmf

logo_tanec

exploring-macedonia