Италијанскиот град Матера и бугарскиот Пловдив ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2019 година што ќе ја преземат од Леуварден во Холандија и Валета – главниот град на Малта, кои во минатата година ја славеа културата на Европа ...
Целогодишната манифестација со разновидни настани во Матера официјално ќе биде отворена на 19 јануари. Стариот дел од овој јужноиталијански град во покраината Базиликата, благодарејќи на древното градителство, е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Две области во градот (Сасо Кавеосо и Сасо Барисано), пак, се познати по праисториските пештери кои, според наодите, биле населени 7000 години пр. н. е. и се сметаат за најуникатни предели на Медитеранот.
Официјалното отворање на „Пловдив – престолнина на европската култура 2019“ ќе биде на 16 јануари. Според организаторите, целогодишната програма со мотото „Заедно“ е структурирана во четири тематски целини поврзани со карактеристиките на градот – неговото културно наследство, историјата, ритамот на животот…
Инаку, вториот по големина град во Бугарија, Пловдив, се вбројува меѓу најстарите европски градови со историја долга повеќе од осум илјади години. Низ него поминувал најважниот воен римски пат на Балканот – Виа Милитарис. Римјаните изградиле многу јавни градби и денес може да се видат урнатини од тој славен период во неговата историја.
Во 2020 година престолнини на европската култура ќе бидат Риека во Хрватска и Голвеј во Ирска, во 2021 титулата треба да ја делат три града – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, а во 2022 – литванскиот Каунас и Еш во Луксембург.