Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во главна конкуренција на Берлинале

Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска, Македонија за првпат во историјата на македонската кинематографија ќе учествува во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал...

Berlinale-Logo-700x394-rcm1200x627u


Како што информираше Агенцијата за филм на Република Македонија, ова е прво учество на Македонија во главната конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот Кан, Берлин или Венеција, по повеќе од дваесет години.  

„Господ постои, името ѝ е Петрунија” на продуцентската куќа Сестри и брат Митевски е комплексна копродуција меѓу пет земји: Македонија, Франција, Белгија, Словенија и  Хрватска. Филмот беше поддржан од престижниот фонд Еуримаж и од фондот Медиа за развој на проекти. Буџетот на филмот е 1 400 000 евра, а од македонската Агенција за филм доби 30 000 000 денари. Филмот се снимаше 6 недели во Штип во јануари и во февруари 2018 година. Монтажата се изврши во Белгија, а звукот, лабораторијата и музиката се работеа во Белгија, Франција и во Словенија. Косценарист на Теона е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Виргиние Саинт Мартине од Белгија, сценограф е Вук Митевски, костимите се на Моника Лорбер, а шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажерка на филмот е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звукот Ингрид Симон. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија е Јане Кортошев, а директор на филмот е Елена Станишева. Главната улога на Петрунија ја игра одличната Зорица Нушева, а во другите улоги се: Сименон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Лабина Митевска, Игор Тодоров, Ненад Ангелкови и Владимир Тулиев