Заврши турнејата на Македонската филхармонија во Кина која траеше две недели (26 декември – 9 јануари). Во рамки на музичкиот проект насловен „7 концерти во 7 градови во Кина“, македонските музичари настапија во концертните сали: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан ...
Турнејата ја предводеше диригентот Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години е често гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти настапија кинескиот пијанист Хају Жанг и виртуозите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел.
Оваа голема турнеја следува по претходните гостувања на камерниот оркестар на Филхармонијата во Казахстан и во Шпанија.
Инаку вториот дел од концертната сезона 2018/2019 Макеодонската филхармонија ќе ја отпочне на 24 јануари со концерт на кој солист на труба ќе биде Лусјен Ренодин-Вари, под диригентство на Петер Феранец од Словачка.